Јуроп Хаус Скопје полни две години – и прославува со цел месец активности!

03.11.2021

Младите ќе бидат во средиштето на настаните со кои се одбележува вториот роденден на Јуроп Хаус Скопје – бренд кој во 2021 година се прошири и во Крива Паланка и Струмица. Ќе има музика, дебати, театар, екологија и други активности.

 

На 4 ноември 2019 година, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли го отвори Јуроп Хаус како место за младите да се собираат, дружат и да играат активна улога во обликувањето на нивната иднина.

По повод вториот роденден на Јуроп Хаус, Делегацијата на ЕУ им дава на младите од Северна Македонија уште поголем подиум за да се слушне нивниот глас - отворајќи серија разговори во контекст на Конференцијата за иднината на Европа, која е во тек.

На првиот настан, кој ќе се пренесува во живо на https://www.facebook.com/EuropeHouseSkopje/, младите европски амбасадори, активисти и генералниот-секретар на Младите европски федералисти ќе ги запознаат учесниците со начините на кои може да се вклучат во дебатата и, заедно со нивните врсници од цела Европа, да помогнат во наоѓањето вистински одговори на заедничките предизвици. Конференцијата за иднината на Европа е консултативен процес што Европскиот парламент, Советот и Европската комисија го почнаа пролетоска, со цел европските граѓани од сите сфери на живеењето да ги претстават своите видувања за европските предизвици и приоритети. Граѓаните од ЕУ и од Западен Балкан имаат заедничка историја, култура и заедничка иднина – затоа граѓаните од регионот се природен дел од дебатата.

Но, одбележувањето на годишнината нема да се сведе само на 4 ноември, туку ќе продолжи во текот на целиот месец.

Зелениот договор, врвен приоритет за ЕУ, ќе биде тема на настан од кој дел ќе бидат амбасадорот Дејвид Гир и локални еколошки активисти. Ќе се одржи на 20 ноември во првата општествена градина во Скопје, која ја разви граѓанската организација Зелената арка и ја одржува заедно со локалните жители.

Меѓународниот ден против насилство и малтретирање во училиштата, вклучително и малтретирање на интернет, ќе се одбележи со тематска претстава во Театарот за деца и младинци во Скопје. Сите претстави на Театарот овој месец ќе се играат во рамките на роденденската програма на Јуроп Хаус.

На 17 ноември, амбасадорот Гир ќе се сретне со културни работници во Младинскиот културен центар. Настанот ќе вклучи и изложба на дела на студенти по графички дизајн, како и настап на Филип Букршлиев, кој на последното издание на Скопскиот џез фестивал беше прогласен за најдобар млад џез музичар.

Ќе има уште музика. Ди-џеи ќе ги забавуваат посетителите (со почитување на ковид-протоколите) во бистрото Комедија и во баровите Мака, Излет и Котур секоја вечер од 4 до 6 ноември. А на 15 ноември школски рок бендови ќе одржат онлајн концерт.

За да бидете во тек со програмата, следете не’ на https://www.facebook.com/EuropeHouseSkopje/.  Споделете ги вашите размислувања, уживајте во уметност и забавувајте се!

 

Aniversary banner