„Господ постои, нејзиното име е Петрунија" ја освои филмската награда на Европскиот Парламент
Филмот во режија на Теона Митевска, кој го опишуваат како значаен придонес на феминистичката борба против конзервативните општества, е добитник на годинашната филмска награда ЛУКС на Европскиот Парламент.
„Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ е ко-продукција на Северна Македонија, Белгија, Словенија, Хрватска и Франција. Раскажува приказна за млада невработена жена која успева да го фати осветениот крст за време на православниот обичај за Водици. Одеднаш добива пристап до верска традиција која вообичаено е отворена за мажи. Филмот веќе освои повеќе награди на фестивали ширум светот.
Претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли им ја додели наградата на победничкиот тим. „Мора да ја зграпчиме можноста да ги истражуваме темите како имиграција, право на здравствена заштита, феминизам и политичка етика низ филмовите кои се натпреваруваат за наградата ЛУКС. Третирањето на климатските промени, нашето колонијално минато, или разгледувањето на нашиот модел на општество преку филм е стимулативен предизвик кој мора да го охрабриме. Ние сме единствениот парламент во светот кој доделува филмска награда. Треба да бидеме горди на тоа“, рече Сасоли.
Уште два филма беа во најтесна конкуренција за наградата за 2019 година: документарецот „Нерешениот предмет Хамарскјилд“ на Мадс Бругер, ко-продукција на Данска, Норвешка, Шведска и Белгија, и „Кралството“ на Родриго Сорогојен, шпанско-француска ко-продукција. Наградата ЛУКС се доделува од 2007 година.