Ден на Европа 2022: Славење на европската идеја повторно со физичко присуство, со оддавање признание на младите и со изразување солидарност со Украина
Концерт на отворено на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев на 8 мај (во Градскиот парк во Скопје) ќе биде централен јавен настан во одбележувањето на Денот на Европа годинава. Ансамблот на Бојаџиев (двајца наратори и 25 член-оркестар) ќе изведе спој на оркестарска и филмска музика, традиционални балкански композиции и фрагменти од вечната љубовна поезија на Руми на македонски и албански јазик. Ова уникатно кинематографско искуство (кое ќе се пренесува во живо на националната телевизија) воедно ќе претставува молитва за мир во Украина.
Во Европската година на младите, програмата за Денот на Европа им дава најголем простор на младите – вистинските носители на европските вредности.
Програмата започна на 5 мај, со отворање на едномесечна изложба во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје, насловена „Иднината на Европа“. Изложбата се состои од уметички дизајнирани портрети на успешни млади во земјава, одбрани врз основа на достигнувања во различни области. https://www.facebook.com/EuropeHouseSkopje/photos/pcb.5324130927648861/5324124814316139/.
Регионалната младинска конференција „#ThinkForward: МЛАДИТЕ АКЦИЈА СЕГА! “, започна на 6 мај во Јуроп Хаус Скопје (промотивниот настан се пренесуваше во живо на https://www.facebook.com/Delegation-of-the-European-Union-Skopje-199770503767478 и ќе се емитува на националната телевизија на 9 мај во 17.45 часот). Замислена како динамично шоу, на конференцијата ќе има вклучувања во живо од Јуроп Хаус во Крива Паланка и Струмица, како и на млади од Приштина, Подгорица, Сараево, Тирана (Европска младинска престолнина за 2022 година) и Нови Сад (Европска престолнина на културата за 2022 година), а ќе учествуваат и амбасадорот Дејвид Гир и младите европски амбасадори. Работниот дел од конференцијата, која е поддржана од Советот за регионална соработка и од Регионалната канцеларија за младинска соработка, ќе се одржи на 9-10 мај во Младинскиот културен центар во Скопје: 30 млади од Западен Балкан ќе дебатираат за менталното здравје, регионалната соработка и помирување, како и за Европскиот зелен договор. Тие ќе им ги претстават нивните заклучоци на премиерот и на ресорните министри од Владата на Северна Македонија на симболичното „преземање на владата“ на 12 мај (Владата ќе го пренесува во живо со почеток во 13.30 часот).
За останатите настани во текот на мај погледнете ја програмата во прилог. Визуелните решенија за Денот на Европа 2022 се на Зоран Кардула.
Програмата за Денот на Европа во 2022 година ќе се заокружи на 5 јуни, Светскиот ден на животната средина, кога Делегацијата на ЕУ ќе ја додели Наградата за најзелена општина, која беше воведена во рамките на кампањата за промоција на Зелениот договор на ЕУ.